Member of IFAC Logo

Повик за пријавување на интерес за назначување на еден претставник на ИОРРСМ, за член на СУНРРСМ

05-10-2026

Институтот на овластени ревизори на Република Северна Македонија (ИОРРСМ) објавува Повик за пријавување на интерес за назначување на еден претставник на ИОРРСМ, за член на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на РСМ (СУНРРСМ). Изборот на нов член на СУНРРСМ се врши заради разрешување на претставник на ИОРРСМ од страна на Владата на РСМ и мандатот на новоименуваното лице се определува до истекот на мандатот на членот на кој му престанува вршењето на должноста, односно 25.04.2028 година.

Согласно Законот за ревизија („Службен весник на Република Македонија брoј 158/10, 135/11, 188/13, 43/14, 138/14, 145/15, 192/15, 23/16 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија број 122/21, 148/26), критериумите кои што треба да бидат исполнети согласно член 10 став (1) и став (2) од Законот за ревизија се следните:

(1) За претседател и член на Советот може да се избере лице кое ги исполнува следниве услови:

1. Да е државјанин на Република Северна Македонија,

2. Да има завршено високо образование од областа на економијата или правото,

3. Да не е вработен во ИОРРСМ и да не е член на ниедно извршно тело на истиот,

4. Да има најмалку пет години работно искуство во областа на сметководството, правото, ревизијата или финансиите,

5. Да поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:

  • ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода;
  • ИЕЛТС (IELTS) - најмалку 6 бода;
  • ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) - најмалку Б2 (B2) ниво;
  • ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) - положен;
  • БУЛАТС (BULATS) - најмалку 60 бода; или
  • АПТИС (АPTIS) - најмалку ниво Б2 (B2) или да поседува сертификат и/или уверение со кои се потврдува познавањето на еден од четирите најчесто користени јазици во Европската Унија (англиски, француски, германски или италијански) на ниво Б2 (В2).

6. Да не е правосилно осудуван за кривично дело против јавните финансии, платниот промет, стопанството и службената должност; и

7. Да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност.

(2) За претседател и член на Советот не може да се именува лице:

1. Кое е функционер кој раководи со државен орган или орган на државната управа и

2. Кое е носител на функција во органите на политичка партија и/или член на орган на надзор, орган на управување или било кој друг орган на правен субјект кој подлежи на законска ревизија.

Заради спречување континуиран судир на интереси при извршувањето на јавни функции согласно барањата на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член на ИОРРСМ за член на Советот не може да се кандидира лице:

- Кое што е вработено, кое што е еден од основачите и управител на друштво за ревизија.

Сите заинтересирани лица треба најдоцна до 2 ноември 2026 година, да достават Писмо за интерес, релевантен доказ за исполнување на критериумите од точките 1-7 од став (1) (со исклучок на точка 3 која ИОРРСМ ја поседува како сопствена евиденција), и изјава за исполнување на критериумите од точките 1-2 од став (2).

Кандидатите се должни да достават изјава за непостоење на судир на интереси согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, а ИОРРСМ при утврдување на предлогот ќе ги земе предвид евентуалните околности кои би можеле да влијаат врз независноста и непристрасноста на членот на Советот.

Документите се доставуваат на адреса ИОРРМ, ул. 11 Октомври бр. 52А/1-3, 1000 Скопје, во оригинал или како копија заверена на нотар. За дополнителни прашања може да се обратите на телефон (02) 3227 – 599 или 072/268-068 или на е-пошта gensec@iorrm.org.mk.

 
Ненад Тортевски
Претседател на ИОРРСМ