ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ИНСТИТУТОТ НА ОВЛАСТЕНИ РЕВИЗОРИ И ЗДРУЖЕНИЕТО НА ВНАТРЕШНИ РЕВИЗОРИ НА МАКЕДОНИЈА

14-01-2019

На 09-ти јануари 2019 година, Институтот на овластени ревизори на Република Македонија (ИОРРМ) и Здружението на внатрешни ревизори на Македонија (ЗВРМ) потпишаа Меморандум за соработка, со кој се потврдува взаемната соработка за подигнување на професијата внатрешен ревизор и овластен ревизор на повисоко ниво, промовирање на стручноста, знаењето и професионалноста на своите членови.

Меморандумот предвидува соработка во неколку области: соработка меѓу двете професионални организации во спроведување на заеднички обуки, креирање заеднички став и консолидирано изјаснување кон актуелни регулативи од взаемен интерес, размена на информации за можни предавачи на едукативните настани организирани од страна на двете договорни страни. Взаемно почитување и унапредување на меѓусебните односи и соработка.

Во рамките на оваа соработка, ИОРРМ ќе врши признавање до 8 часови Континуирано професионално усовршување (КПУ), на годишно ниво, за обуки организирани од страна на ИОРРМ во соработка со ЗВРМ за членовите (овластени ревизори).

Токму во април 2019 година е планиран првиот заеднички настан за кој подготовките се во тек и врвни професионалнци предавачи од соседните земји го потврдија своето присуство. Во текот на еднодневниот настан се планира и панел дискусија на која ќе бидат учесници професионалци, експерти од различни подрачја, кои ќе имаат можност да одговорат на прашањата за предизвиците во ревизијата. Сите членови на ИОРРМ и ЗВРМ се покануваат да земат учество на овој настан, за кој подетална агенда ќе биде пратена во текот на месец февруари 2019 година.

Меморандумот за соработка го потпишаа претседателот на ИОРРМ, г-дин Драган Димитров и претседателката на ЗВРМ, г-ѓа Билјана Секуловска.